Никола Немов, американски продуцент со македонско потекло, пристигнува во Македонија на повик на премиерот и на министерката за култура за да сними серија, која треба да му ја раскаже на светот вистината за Македонија, за борбата на македонскиот народ, независноста и идентитетот. Арно ама, сите се навртеле против Никола Немов (како меѓународниот фактор против Никола Груевски додека беше премиер) и никој не сакал да му овозможи да ја
екранизира вистината за Македонија!

Американски, германски, британски шпиони, како и домашни предавници го спречуваат Немов да го сними серијалот, налик на тоа како „го спречија“ Никола Груевски да го одбрани македонскиот идентитет. Ова беше сижето на сценариото за првата сезона од несудениот филмски серијал „Македонија“, пропаганден памфлет наменет за привиден спас на Никола Груевски кој на хрватскиот „Јадран филм“ требаше да му донесе над 4.5 милиони евра од државната каса.

Целиот проект на власта на ВМРО ДПМНЕ се случува во период пред да заминат, во време кога објавените прислушувани телефонски разговори добиваа на интензитет, со што полека се разнишуваше позицијата на Груевски и неговите соработници. Серијата имаше за цел да го амортизира ефектот на опозициските „бомби“, односно да го прикаже Груевски како жртва на сплетките на странскиот фактор во државава.

Не се снимила ниту епизода, а се потрошиле 800.000 евра

Но, до крајниот рок, 4 септември во 2017 година, кога „Јадран филм“ на Винко Грубишиќ, мораше да испорача цела прва сезона од серијалот, не беше снимена ниту една епизода. Дури откако Грубишиќ се соочи со реалноста дека нема да ги наплати останатите рати за серијата, а знаејќи дека нема како да ги оправда првите 1,1 милион евра наплатени додека со Агенцијата за филм раководеше кадар на ВМРО ДПМНЕ, тој експресно закажа сет во Македонија и сет во Загреб за да сними две минутен трејлер, со кој наводно ја промовираше првата сезона со најава дека серијата стартува наскоро.

Но, тоа видео остана само промо видео и толку. Никогаш не беше снимена ниту една епизода. Со оглед дека рокот беше изминат, а „Јадран филм“ немаше доставено во Агенцијата ниту една епизода, а не пак цела сезона, новото раководство го раскина договорот за серијата „Македонија“, а успеа и да наплати 300.000 евра од сметката на „Јадран филм“, оние кои останале непотрошени од исплатените 1,1 милион евра.

Останатите 800.000 евра, Грубишиќ ги потрошил со исплати кон фирми и поединци, но не се знае за што, затоа што за ниту една исплата од народните пари, тој нема приложено договор во Агенцијата за филм за што ги трошел. Изминаа две години откога оваа серија крена медиумска прашина во Македонија и откако Агенцијата му одзеде 300.000 евра од сметката на „Јадран филм“ и започнаа судските процеси и контрапроцеси, но јавноста остана сиромашна за некои одговори.

Имено, од она што периодов го истражувавме стигнавме до информации каде завршиле тие 800.000 евра кои „Јадран филм“ ги потрошил, а при тоа не испорачал ниту минута снимен материјал, не доставил Дневник на снимања, ниту пак договори со филмските работници кои наводно ги ангажирал.

Најголем дел од парите завршиле на сметки на фирмите, најверојатно на самиот Грубишиќ, како на пример „Јадран филм продукција“, на која прво, во декември во 2016 година, непосредно по парламентарните избори, биле исплатени 200.000 евра, па уште 85.000 евра во август во 2017 година, непосредно пред истекот на рокот за предавање на првата сезона и 210.000 евра по рокот.
Или половина милион евра завршиле во „Јадран филм продукција“.

Според банкарските изводи што ги прочитавме, на фирмата со име „Алатир“ од Хрватска биле исплатени неколку износи во вкупна вредност од 40-тина илјади евра. Понатаму на списокот исплатени фирми се и „Сусмел филм„, „Жути титл“ и „Арамис филмс“. Нема податоци зошто на овие фирми им се префрлени парите и каква услуга нарачал „Јадран филм“ за потрошените пари од македонскиот буџет.

Во Агенцијата за филм во Скопје ни одговорија дека воопшто немаат преглед, ниту документ зошто се исплатени над 600 .000 евра кон хрватските фирми. Но, ако се земе предвид дека не беше снимена ниту една епизода, тогаш парите најмалку биле за серијата „Македонија“.

Остатокот од околу 200.000, „Јадран филм“ ги има исплатено на поединци како хонорари, за некаков ангажман за играната серија која требаше да има за цел да манипулира со публиката и да ги престави функционерите на ВМРО ДПМНЕ како жртви на светски заговор. Што значи, претходната владејачка гарнитура со народни пари сакала да плати странска продукција која ќе го величи делото на ВМРО ДПМНЕ како единствена опција во заштита на македонштината.

о фирмите, следувале и исплатите на ангажираните, особено македонски историчари кои со своите јавни настапи оставиле впечаток дека се наклонети кон политиката на Никола Груевски. На банкарските изводи ги прочитавме имињата на Никола Жежов, Виолета Ачковска, Никола Србов, но и на Теон Џинго, Мирјана Нинцовска, Марко Китевски, Александар Русјаков. Сите заработиле хонорар од 4.000 до 7.000 евра.

На банкарскиот список очигледни се и хонорарите на актерите Мони Дамевски, Емил Рубен, но и на режисерот Стојан Вујчиќ, како и на продуцентот Борис Грегориц. Тие наплатиле меѓу 1.500 и 6.500 евра. Какви договори имал со нив „Јадран филм“, ако воопшто имал, ќе остане непознаница. Дали некој од нив завршил некаква работа за хонорарот или секој си ќарил по нешто оти серијата пропадна? Но, каде се останатите актери од трејлерот?

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде