Полицијата ги засили проверките на лицата со симптоми на Коронавирусот. Според МВР, заклучно денеска напладне, во самоизолација има 2.268 лица, од кои 1.000 се во Скопје. Со одлука за здравствен надзор, во моментов има 365 лица во целата држава, од кои 230 само во Скопје. Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев рече дека се предвидуваат казни од 2.500 евра до три години затвор за кршење на уредбите на институциите.

Обвинета е и поранешната директорка на Клиниката за дерматологија, Нина Цаца Билјановска, која се вратила од Италија на 29 февруари и продолжи да работи иако била позитивна со Ковид 19. МВР објави дека во последните два дена има јавување за 402 случаи на непочитување на мерките. Сличен случај во Битола заврши со физичка пресметка меѓу соседите поради непочитување на самоизолацијата. Министерката за правда Рената Дескоска рече дека мерките за безбедност може да се зголемат сè до воведување на полицискиот час доколку оние мерки што се на сила продолжат да бидат непочитувани.

Еден ден по прогласувањето на вонредната состојба во земјава, беше формиран заеднички полициско армиски штаб за безбедносни прашања. Се очекува 5.500 војници да ја преземат контролата врз границите. Првиот состанок на штабот се одржа напладне, каде меѓу новите, дополнителни, мерки против вирусот „Ковид-19“ беше решено странските транзитни камиони да имаат само пет часа да поминат низ нашата територија. Според податоците на МВР во последните 24 часа во нашава земја влегле 2.824 лица, од кои 2.017 се наши граѓани. 2.278 лица ја напуштија Македонија, од кои 951 граѓани потпишаа согласност дека нема да се вратат за три месеци.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде