Научи да кажеш НЕ. Научи се да одбиеш нешто кога не сакаш. Научи ги другите да те ценат со тоа што ќе се цениш себеси. Колку повеќе им правиш задоволство на другите, толку повеќе се губиш себеси. На крај секој е одговорен за сопствениот живот и сопствените одлуки. Сите бираме. Бирам со кого ќе се дружам. Бирам со кого ќе го поминам слободното време. Бирам со кого ќе одам на прошетка. Бирам со кого ќе одам во ресторан. ИЗБЕРИ светлосно! Светлосно е она кога со човек ќе споделиш нешто позитивно, ќе размениш квалитетни информации од кои можеш да научиш нешто, да ти се разубави денот, да пренесеш убава енергија, да гушнеш некого, да дадеш комплимент, да поттикнеш некого. Во ова наше општество сите се научени прво да го гледаат од старт црното. Јас сум најголем противник за негативниот збор. Тоа мрачно длабоко нисковибрантно зборче е доволно за да ти се одземе пола енергија за денот. Негативниот збор, осудата, зборување за туѓ живот, следење туѓ живот, постојано зборување за лошите околности или ситуации, а и колку е се’ “црно“ во нашето општество. Фокус, фокус и само фокус на црното и негативното, а НИКОГАШ на убавото и позитивното е тоа што менталитетот ни е на нисковибрантно ниво. Јас сум поборник за секој да почне од себе. Јас почнав, а и многу други луѓе започнале, па и затоа си земам за право да го кажам ова бидејќи нема една причина која ќе ми докаже дека не е така. Започни со убава мисла, кажи убав збор на партнерот/партнерката, гушни некого, подари нешто некому, направи едно добро дело во текот на денот, макар и ситно. Осетете го позитивното и станете зависни од него. Затоа што промените можеме да ги започнеме само доколку секој индивидуално почне од себе да прави промени. Ако јас утре засадам едно дрво можеби и нема да направам којзнае колкава промена на глобално ниво. НО сепак тоа дрво е засадено и има моќ. Ако не за цела планета, можеби за едно врапче. Замислете ако секој од нас засади по едно дрво, тогаш промената ќе биде екстремно поголема! Замислете што би се случувало ако успеете да засадите милион убави дрва (мисли) во текот на денот. Не само што ќе ја промените сопствената душа. Туку ќе направите и еден преубав парк за своите најблиски.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде