Изабела дос Сантос, долго време недопрена во матичната земја Ангола, е обвинета дека изградила лична среќа со уништување на ресурсите во Ангола.

По разгледувањето на повеќе од 700.000 документи, МЦИЈ дошол до заклучок дека таа украла милијарди од државата, една од најсиромашните во светот.

Документите покажале дека ќерката на Жозе Едуардо дос Сантос се стекнала со богатство со корупција и експлоатација на нејзината земја.

Таа имала пристап до профитабилни зделки со земјиште, нафта, дијаманти и телекомуникации кога нејзиниот татко бил претседател на Ангола, пренесува Би-Би-Си.

„Принцезата“, како што е наречена во нејзината татковина, тврди дека станува збор за измама и заговор и дека обвиненијата се целосно лажни и политички мотивирани.

Таа веќе е под истрага во Ангола за корупција и нејзините средства во земјата се замрзнати.

Од првата инвестиција во луксузен ресторан во Луанда, потеклото на богатството на Изабела дос Сантос покрена прашања, при што противниците на нејзиниот татко во тоа  гледаа симбол на непотизам на семејството Дос Сантос.

Во тајната телеграма од 7 декември 2009 година, откриена од Викиликс, американската амбасада во Луанда пишува дека Изабела го должи својот успех „во голема мерка на поддршката од нејзиниот татко“.

Изабел дос Сантос е родена 1973 година во Баку, Азербејџан, каде што студирале нејзината мајка Русинка и таткото.

Откако родителите се развеле таа со нејзината мајка живееле во Лондон, каде што студирала на реномираниот колеџ Кинг.

Таа се вратила во Ангола во 90-тите години и стана незапирлива во бизнисот и наскоро создала финансиска империја.

Во 2013 година, Форбс ја нарече „првата милијардерка во Африка“. Нејзиното богатство тогаш се проценуваше на 3,3 милијарди долари.

Кога во 2002 година се омажи за бизнисмен од Конго и колекционер на уметнички дела, Синдик Доколо, нивната свадба во претседателската палата чинела 4 милиони долари, јавуваат медиумите.

Изабела дос Сантос го минувала времето меѓу Лондон, Лисабон и Луанда, но ветерот се сврте кога нејзиниот татко ја напушти претседателската функција во август 2017 година и му ја предаде власта на неговиот поранешен министер за одбрана Жоао Луренчо.

Изабела дос Сантос тогаш почна да ги чувствува последиците. Судството отвора истрага против неа, а минатиот месец судот во Ангола ја обвини дека украла, заедно со нејзиниот сопруг, една милијарда долари јавни пари и нареди замрзнување на нејзините сметки и средства во Ангола.

Оттогаш, Изабела води кампања во медиумите и на социјалните медиуми за да ги убеди сите дека нејзиното богатство е само производ на нејзината интелигенција и упорност, а не влијанието на нејзиниот татко и го обвинува претседателот Луренчо за „лов на вештерки“.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде