Од понеделник операторите повеќе нема да ги реемитуваат сите домашни и странски канали освен трите канали на Македонската радиотелевизија (МТВ), дознава Фактор. Одлуката е донесена и своевидниот медиумски мрак ќе стартува од 2 март од полноќ. Здружението на информатичко-комуникациски технологии во кои се обединети сите оператори ова го најави уште во вторникот кога соопштија дека ваквата одлука се должи на новите измени на Законот за аудио и аудиовизуелни и медиумски услуги (ЗААВМУ), што ги донесе Собранието на 16 фeвруари, на денот на распуштањето, по скратена и нетранспарентна постапка и без претходна јавна расправа.

Според нив, принудени се на ваков чекор затоа што со измените на операторите им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програми кои тие не ги произведуваат, туку само ги реемитуваат и за тоа да сносат материјална и кривична одговорност.

На нивната закана вчера реагираа петте национални телевизии, кои ги обвинија кабелските оператори за ниско ниво на општествена одговорност. Операторите сепак тврдат дека сите програми што се дел од пакетите на операторите се согласно домашната и меѓународната регулатива за реемитување на програми.

„Сите инсинуации за учество на операторите во „пиратство“ ги отфрламе како неточни, паушални и тенденциозни, а за ваквите тврдења нашите членки ќе поведат соодветни судски постапки. Сите договори за реемитување со странските радиодифузери содржат гаранции дека тие телевизии ги имаат регулирано авторските права за територијата на земјава“, се вели во соопштението од Здружението на информатичко-комуникациски технологии испратено до медиумите вчера.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде