Косовското специјално обвинителство до судот во Косово поднесе обвинение против шест лица за убиството на лидерот на косовските Срби, Оливер Ивановиќ, што се случи на 16 јануари минатата година. Меѓу обвинетите, четворица се полицајци.

Обвинението е покренато против Н.С., М.Р., С.А., Д.М.,З.Ј. и Р.Б за кривични дела учество или организирање на криминална група, злоупотреба на службената положба и овластување, помагање на убиство, неовластено поседување оружје, откривање службена тајна и манипулација со докази.

Тројца од обвинетите се во притвор, а другите тројца се во бегство и за нив има распишано меѓународна потерница.

Во обвинението се наведува дека оваа наводна крминална група делувала од 2011 година. Обвинетиот Р.Б. во својство на полициски службеник не ги извршувал своите службени должности со цел прибавување корист за себе или за друго лице. Тој е обвинет дека прикривал или елиминирал докази. Другиот полицаец обвинет во случајот, Д.М., по убиството на Ивановиќ без одобрение доставил информации кои претставувале службена тајна од местото на злосторството со цел објавување или користење на информациите надвор од територијата на Косово. Тој ги пренел информациите на службено лице од српската полиција.

Д.М. и З.Ј., исто така, полициски службеници, заминале од местото на злосторството, без да го обезбедат, со што овозможиле на други лица да интервенираат, оштетувајќи ги материјалните докази. По убиството, тие веднаш отишле на местото со цел да ги отстранат, прикријат или уништат доказите, стои во обвинението.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде