Руската Државна дума денес усвои измени и дополнувања на Уставот со кои се овозможува Владимир Путин да се кандидира за претседател по истекот на неговиот мандат во 2024 година.

Во третиот, последен круг на гласање, пратениците на долниот дом на рускиот парламент усвоија уставни измени со 383 гласови „за“ и 43 воздржани, додека никој не гласаше против.

ТАСС наведува дека со законот, исто така, се прошируваат надлежностите на рускиот парламент и Уставниот суд, на службениците им се забранува да имаат трајно државјанство и дозволи за престој, и се обезбедува првенство на Уставот во рускиот правен систем.

Законот ќе биде предаден на Советот на Федерацијата, горниот дом на рускиот парламент, кој ќе го разгледа документот подоцна денес.

Предлогот за уставна измена со кој на Путин ќе му се овозможи повторно да се кандидира на претседателските избори, вчера го поднесе пратеничката на владејачката „Обединета Русија“ и првата жена во вселената, Валентина Терешкова.

Путин (67), кој е на власт повеќе од 20 години, го поддржа предложениот уставен амандман.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде