Бродот „Галеб“ на Јосип Броз Тито вчера беше донесен во бродоградилиштето Далмонт во Краљевица каде ќе биде реновиран и претворен во музеј.Вкупната сума што ќе се потроши за ова обновување и разубавување ќе изнесува 6.645.750 евра.

Овој брод бил закотвен во Порто Барош во Риека од средината на 2013 година, потсетува Index.hr.

Изграден во далечната 1938 година во Џенова, бродот првично се викал „Рамб Трети“ и се користел за транспорт на банани.

Потоа, во почетокот на Втората светска војна бил користен како воен брод, а во 1943 година го презеле Германците кои до крајот на војната го користеле за поставување мини.

Набрзо по крајот на Втората светска војна бродот бил потопен во пристаништето во Риека. Откако поминал три години под вода, бил извлечен и преименуван во „Галеб“.

Претседателот на Југославија Јосип Броз Тито често престојувал на бродот и пловел со него. „Галеб“ служел како амбасада и место каде Маршалот ги забавувал неговите моќни и славни гости од светот на политиката и шоубизнисот, меѓу кои и Елизабет Тејлор и Ричард Бартон.

Како претседател на Југославија, Тито со „Галеб“ обавил 49 патувања до четири континенти, вклучувајќи ја државната посета на Велика Британија во 1953 година, каде бил првиот комунистички лидер кој по војната се сретнал со Винстон Черчил.Бродот исто така бил инкубатор за една од идеите на Тито – Движењето на неврзаните.

По распадот на Југославија, бродот бил предаден на грчки бродосопственик, а потоа бил откупен од управата на Град Риека.Сега ќе се обновува во склоп на проектот „Риека 2020“ и се проценува дека реновирањето ќе биде завршено за 14 месеци.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде