Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 45 оздравени пациенти.
Во дел од градовите каде имаше заболени од КОВИД-19 веќе нема активни случаи. Полека ја добиваме битката со вирусот, објави на социјалните мрежи министерот за здравство Венко Филипче!

Но да не заборавиме дека сите мерки мора да продолжат да се почитуваат. Да бидеме доследни и одговорни до крај.

Во изминатите 24 часа направени се 199 тестирања, а потврдени се 15 нови случаи на ковид-19 и тоа во: Скопје-2, Куманово-7, Прилеп-4, Тетово-1, Струга-1. Вкупната бројка на тестирања на ковид-19 досега изнесува 16997.

Лабораторијата на Жан Митрев достави допис со исправка до ИЈЗ за позитивни резултати на 3 лица (2 од Скопје и 1 од Битола) пријавени на 24 април.

Трите лица се всушност негативни, а причина за грешката е најверојатно контаминација на материјалот, објави министерот Филипче!

Кај трите лица лабораторијата во Жан Митрев уште веднаш, на 25 април, направила контролен тест на оригиналниот материјал, но и на нов брис по што се добиени негативни резултати, а истите лица се тестирани и преку ИЈЗ и тие резулатати се негативни.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби денеска за прв пат од почетокот на епидемијата, во 24 часа, нема прием на нови пациенти, позитивни или сомнителни на ковид-19. На оваа клиника почина еден пациент, 61 годишен од Струга, со повеќе коморбидитети и тешка форма на болеста, хоспитализиран од 24 април, а испишани се 8. Во моментов се хоспитализирани 39 пациенти, од нив 20 потешко болни и на кислородна поддршка и 1 критично болен пациент на механичка вентилација.

Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја изнесува 1506, бројката на оздравени пациенти е 852 , на починати е 82, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 572.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде