Во врска со соопштението на Основниот суд Скопје 1, во кое се обвинува претседателот Ѓорге Иванов за мешање во судската власт, Кабинетот на претседателот на Република Македонија смета дека повикувањето на овој суд за независност и мешање во судската власт има цел да ја прикрие направената злоупотреба на неточна информација.

„Немојте позади независноста на судот да ја затскривате вашата одговорност дека врз основа на фалсификат со невистинита содржина и конструкција на лаги е злоупотребен претседателот на Република Македонија, носите решенија за притвор и спроведувате притворска политика“, се вели во реакцијата.

Од Кабинетот на Иванов посочуваат дека јавноста преку јавно објавените решенија за притвор се запозна со содржината на copy-paste класифицираната „строго доверлива“ белешка што поведува и друг вид на одговорност за непрофесионално однесување во судски предмети.

„Кабинетот на претседателот на Република Македонија никогаш досега не реагирал на судска одлука или решение. Сметаме дека е крајно време, а во интерес на ЕУ стандардите кои се бараат земјата да ги исполни, судството да не ги затскрива сопствените недостатоци зад наводно мешање во неговата независност. Кабинетот на претседателот на Република Македонија се уште очекува одговор на барањето испратено до претседателот на Основниот суд Скопје 1, за достава на службената белешка на МВР-УБК, која е со лажна содржина и наведува на сомневање дека се следат активностите на претседателот на Република Македонија, а воедно е употребена како аргумент на Судот при определувањето мерка притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски“, се вели во реакцијата.

 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Напишете коментар!
Ве молиме внесете го вашето име овде